АЕК: Раст на фиксните линии, намален број мобилни претплатници и разговори

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во својот годишен извештај за 2024 година утврди раст на фиксните телефонски линии во Македонија, додека бројот на претплатници во мобилната мрежа бележи благ пад. Намалување се забележува и кај телефонските разговори, како на фиксните, така и на мобилните линии.

Според податоците, корисниците во просек зборувале 12,56 минути месечно преку фиксна линија, при што најголемиот дел од сообраќајот – 4,33 минути – бил остварен во рамките на иста фиксна мрежа. Разговорите кон други фиксни мрежи изнесувале 1,70 минути.

Кај мобилните мрежи, просечниот сообраќај во сопствена мобилна мрежа достигнал 3,21 минути, додека кон други мобилни мрежи во земјава изнесувал 3,14 минути, а кон странски мрежи само 0,18 минути.

Во споредба со 2023 година, забележан е пад на вкупниот телефонски сообраќај кон сите дестинации.

Раст на фиксната телефонија преку безжични и оптички технологии

Во 2024 година бројот на фиксни линии пораснал за 1,96% во однос на претходната година. Сепак, PSTN линиите се намалиле за 27,88%, додека VoIP линиите преку бакарна мрежа бележат пад од 7,48%. Во исто време, линиите преку безжични технологии се зголемиле за 4,56%, достигнувајќи 95.108 корисници.

Значителен раст од 17,34% е забележан и кај фиксните линии преку оптичка мрежа (FTTH), кои во 2024 година достигнале 130.344 корисници.

Во однос на мобилните мрежи, бројот на активни претплатници во 2024 година се намалил за 0,04% во споредба со претходната година. Додека резиденцијалните постпејд корисници бележат раст од 3,38%, деловните претплатници се намалиле за 0,14%.

Овие податоци покажуваат дека фиксната телефонија сè уште има своја улога на пазарот, додека мобилните комуникации забележуваат стабилизација, со тренд на намалување на вкупниот број разговори.

Зачлени се на нашиот е-билтен