Африм Гаши со критики за вчерашниот говор на министерката за финасии Кочовска

Жалам што се случуваат вакви испади кои го рушат дигнитетот на Собранието, ние имаме надзорна улога врз владата и министрите треба да се особено внимателни во однесувањето кон пратениците- вака собранискиот спикер Африм Гаши го коментира случајот меѓу министерката Гордана Димитриевска – Кочоска и пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.

На брифинг со новинарите рече дека вакви инциденти со говор на омраза не треба да се повторат во Парламентот, па затоа повикува сите да го почитуваат етичкиот кодекс. На прашањето зошто потпретседателката Бендевска не изреагира веднаш за реториката на Кочоска, Гаши рече дека секој претседавач треба да предупреди по искажани навреди во собраниската сала.

„ Ние сите пратеници до еден мора да се грижиме за достоинството на Собранието, а тоа се прави првенствено преку почитување едни со други. Може да ги кажеме нашите политички ставови и без да навредиме некого. Ваквите настани како вчерашниот не се мили, не е добро за Собранието, тоа не зборува добро за нас. Кога има пратенички прашања, треба да знаат министрите дека доаѓаат да одговараат пратенички прашања. Особено владата треба да биде внимателна во Собрание како се однесуваат спрема пратениците. “Африм Гаши – претседател на Собрание.

На брифингот Гаши информираше и околу претстојните седници на кои пратениците ќе расправаат за правосудството. Тој потврди дека во првата половина од март на дневен ред ќе бидат ставени интерпелациите на петтемина членови на Судски совет, откако пратениците ќе ги разгледаат одговорите кои тие ги доставија писмено. За разрешувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пак, Гаши рече дека Владата се уште не испратила допис до Собранието.

Што се однесува на уставните измени, повтори дека евроинтеграциите остануваат приоритет, но сите ја разбирале сензитивноста на проблемот и потребата од гаранциите дека нема да има нови блокади..

Зачлени се на нашиот е-билтен