Во последните две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни инспекциски контроли, при што 23 угостителски објекти се парично казнети, а над 200 килограми храна е уништена.
„Кај 43 објекти утврдивме дека не ги задоволуваат хигиенските стандарди и немаат имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса. Во четири случаи не беа спроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените,“ информираат од АХВ.
Во рамки на 244 инспекции, акцентот беше ставен на угостителските објекти кои организираат предновогодишни прослави, кога поради зголемената побарувачка, операторите со храна имаат засилен обем на работа.
Покрај ова, пред десетина дена АХВ уништи над 2 тони небезбедна храна со истечен рок кај оператор со киосци. Минатата недела, пак, беа спроведени контроли во магацини, маркети и продавници за новогодишни пакетчиња. Од 62 инспекции, кај четири оператори беа најдени неправилности, како несоодветно означување на пакетчиња.
Од анализираните новогодишни пакетчиња, во два случаи беа идентификувани производи со истечен или краток рок на траење, што дополнително укажува на потребата од редовна контрола за заштита на потрошувачите.