Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) уништи 1.230 килограми небезбедни производи при засилените вонредни контроли спроведени пред велигденските празници. Најголем дел од запленетата стока е месо и месни преработки, но има и јајца, бои за јајца, мед, ракија, маслиново масло и други производи.
Контролите опфатија 350 оператори со храна, а целта беше спречување на нелегална трговија и пласирање на небезбедни производи на пазарот. За утврдените неправилности се изречени казни во вредност од 3.650 евра и издадени се 22 решенија за нивно отстранување.
Од АХВ апелираат до граѓаните да купуваат храна само од регистрирани продавници и пазари, да внимаваат на декларациите, рокот на траење и условите за чување, особено на леснорасипливите производи.
Секој што ќе забележи неправилности може да пријави на бесплатниот број 0800 3 22 22 или на info@fva.gov.mk.