Групата „Кој е следен?“ денес спроведе герила акција во главниот град, со која упати повик до скопјани да им се приклучат на семејствата и поддржувачите на настраданите деца од Кочани. Акцијата има за цел да ја засили јавната поддршка пред закажаниот „Марш на ангелите“, што ќе се одржи во сабота, 15 ноември, со почеток во 12:05 часот на Плоштад Македонија.
Маршот, кој го организира Здружението „16 март“, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде на 19 ноември треба да започне судењето за масакрот во Кочани.
Здружението повторно упати порака до јавноста, потсетувајќи дека повикот е упатен до сите граѓани:
„Веруваме дека Македонија има совест. Знаеме да се сплотиме кога најмногу боли и сме подготвени заедно да застанеме против најголемото зло — корупцијата што им ги одзеде животите на нашите деца. Болката е наша, но борбата е заедничка.“
Од „Кој е следен?“ додаваат дека трагедијата во Кочани не смее да остане само локална болка:
„Не смееме да дозволиме семејствата да маршираат сами, додека ние продолжуваме со секојдневието. Треба да знаат дека сме со нив и дека оваа борба нема да ја напуштиме.“

