Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако нема плата до понеделник, здравствените работници в среда излегуваат на протест

Револтот на здравствените работници кулминира поради неисплатените јануарски плати. Ако до понеделник до 15 часот нема префрлено средства на сметките на сите вработени во Клиничките центри и болници, тогаш в среда докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар ќе излезат на протест, без разлика и во вторник да им се пушти плата.

Ние како што рековме, ќе почитуваме како што вети директорката на Фондот и до понеделник до крајот на работното време ќе чекаме да биде исплатена платата. Доколку платата не биде исплатена, ние во вторник ќе го свикаме ИО и Советот на Синдикатот и најверојатно за в среда ќе договориме протест, независно дали во вторник ќе префрлат плата, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничките центри.

Вработени во ГОБ „8 Септември”, пак, своето незадоволство поради неисплатените плати ќе го искажат на протест в понеделник за време на паузата од 13 до 13.30.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека доколку до понеделник не се реши проблемот, платите за здравствениот кадар ќе се обезбедат од Централниот трезор, а потоа ќе се порамнат со трезорот на Фондот за здравство.

Истото уверување пред два дена стигна и од премиерот Димитар Ковачевски, кој во изјава за медиумите рече дека разговарал со министерот за финансии за решавање на проблемот. И премиерот посочи дека е можно платите на здравствените работници да се исплатат преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗОМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен