Потенцијалите на циркуларната економија, управувањето со отпадот како ресурс, декарбонизацијата и примената на зелената енергија и дигиталните алатки, се од суштинско значење за креирање одржлива иднина, рече денеска првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на 6. Меѓународна конференција „Патот до одржливо управување со отпад“.
Владата, напомена Меџити, останува цврсто посветена на воспоставување одржлив регионален систем за управување со отпад, развој на циркуларна економија преку селекција, рециклирање и повторно искористување на секундарните суровини.
-Целта е значително да се намали количеството отпад што завршува на депониите, а вредните материјали да се вратат во производството, напомена министерот.
Според него, одржливото управување со отпадот и циркуларната економија се сериозен предизвик во време на интензивни климатски промени.
-Одлуките што денес ги носиме ќе го обликуваат животот на генерациите што доаѓаат. Отпадот веќе не го гледаме како товар, туку како ресурс со економски потенцијал. Со правилно управување можеме да создадеме вредност, работни места и чиста животна средина, подвлече Меџити.
Тој најави дека наскоро ќе почне изградбата на првата стандардизирана регионална депонија во земјата, процес во кој, рече, клучна ќе биде меѓуопштинската соработка. Истовремено, додаде, се работи и на расчистување на дивите депонии, а целта е „Македонија без ѓубришта”.
Конференцијата ја организира Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (MaSWA), а учесниците денеска и утре ќе зборуваат за современите принципи за управување со отпадот, за различните искуства та, предизвиците, но и најдобрите решенија. Како што беше речено, бизнисот, Владата, граѓанскиот сектор и медиумите се подготвени да соработуваат за почиста Македонија.