Активистите на „Гринпис“ украдоа восочна фигура на претседателот Емануел Макрон и ја поставија пред руската амбасада. Со акцијата, тие сакаа да ја осудат, како што веруваат, француската дволичност: додека Париз ја поддржува Украина, домашните компании продолжуваат да тргуваат со Русија.
Активистите на организацијата „Гринпис“ се преправија во вработени и ја зеле восочната фигура на францускиот претседател Емануел Макрон од музејот Гревен во Париз.
Тие влегоа во музејот преправајќи се дека се туристи, а подоцна се пресоблекоа во униформи на вработените. Ја покрија фигурата со ќебе и ја изнесоа низ излезот за итни случаи, потврди полициски извор за француската агенција АФП. Никој не е уапсен.
Фигурата беше поставена кратко потоа пред зградата на руската амбасада, каде што активистите протестираа против политиката на Макрон кон француските компании кои продолжуваат да соработуваат со Русија по почетокот на нејзината тотална инвазија на Украина.
Видеата прикажуваат активисти како ја поставуваат восочната фигура пред амбасадата.
Нејзината вредност, патем, се проценува на околу 40.000 евра.
Лидерот на француската филијала на Гринпис, Жан-Франсоа Жилард, ги обвини француските власти за двојни стандарди, истакнувајќи дека иако Франција официјално ја поддржува Украина, нејзините компании продолжуваат да увезуваат гас и ѓубрива од Русија.
Според него, Макрон ја симболизира таа политичка недоследност и треба да биде првиот меѓу европските лидери што ќе ги прекине трговските односи со руските компании.
Русија продолжува да профитира од трговијата со Западот
Истрагата на Би-Би-Си во мај покажа дека Русија продолжува да заработува милијарди од извоз на фосилни горива во западните земји, вклучително и членки на ЕУ.
Од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, Русија заработила повеќе од 883 милијарди евра од извоз на фосилни горива, од кои дури 228 милијарди доаѓаат од земјите што воведоа санкции врз неа.
Од тоа, 209 милијарди евра доаѓаат од членките на Европската Унија, вклучувајќи 17,9 милијарди од Франција.
Руските податоци покажуваат дека извозот на гас во Европа се зголемил за до 20% во 2024 година, додека извозот на течен природен гас достигна рекордни нивоа.
Иако Франција обезбеди воена помош на Украина и воведе серија санкции врз Русија и нејзините претставници, Макрон, исто така, постојано се закануваше со дополнителни мерки ако Москва не покаже подготвеност за мировни преговори.