По состанокот на Алијансата на Албанците, претседателот Арбен Таравари вечерва на прес-конференција изјави дека ја напуштаат владината коалиција и преминуваат во опозиција.
– Денеска Алијансата на Албанците едногласно одлучи да премине во опозиција. На состанокот присуствуваа претседателите на ограноците и бројни функционери на АА, на кој заклучивме дека минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот политички блок по 20 години, и на тоа сме особено горди. Сепак, за жал, промените што ги ветивме не успеавме да ги реализираме. Затоа решивме да се вратиме кај граѓаните и да побараме нивна доверба на локалните избори во октомври – рече Таравари.
Според него, постои големо незадоволство, особено кај Албанците, од начинот на кој ВЛЕН владее во оваа Влада, посочувајќи го законот за балансерот, третманот на Албанците во институциите, како и важноста на европскиот пат на Македонија.
Таравари изјави дека членовите на Алијансата се во оставка и дека ќе ја напуштат Владата штом бидат избрани нови министри и заменици.
Во однос на ДУИ, Таравари нагласи дека засега нема никаков договор, иако постои одредена комуникација.
Тој најави дека, и покрај преминот во опозиција, ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, како и со лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
На состанокот не присуствуваше вицепремиерот Арбен Фетаи, кој, според Таравари, бил на пат, а еден од пратениците морал да замине поради семејни обврски.