На состанокот одржан на 10 април 2025 година, Комисијата за етика на Алијансата за Албанците (АА) донесе одлука за итно исклучување од партијата на Мухсин Арифи, претседател на Огранокот Сарај и актуелен директор на Геријатриската болница, поради сомнежи за земање мито од страна на надлежните органи.
-Според Етичкиот кодекс на АА, од политичките претставници се бара висок морален, правен и професионален интегритет, додека членовите на раководните структури имаат обврска да дејствуваат во согласност со законот, Програмата и Статутот на партијата, притоа избегнувајќи лични финансиски или материјални интереси, велат од партијата.
Врз основа на овие принципи, Комисијата одлучила не само да го исклучи Арифи од партијата, туку и да го разреши од функцијата претседател на Огранокот Сарај, сè до донесување конечна одлука од страна на надлежниот суд.
-Од АА нагласуваат дека нема да толерираат никаква злоупотреба, кршење на законот или повреда на Етичкиот кодекс. „Владеењето со чисти раце не е само слоган, туку морална и политичка обврска за секој член на АА. Довербата на граѓаните се заслужува и одржува единствено со чесност, посветеност и интегритет“, порачаа од партијата.