Алијансата за Албанците на Таравари бара целосна и независна истрага за Кочани, ослободена од политичко влијание

Собранието на Алијанса за Албанците, партија предводена од Арбен Таравари, денеска на седница во Гостивар усвои резолуција со осум точки, со која се повикува на итна институционална реакција, реформи и воспоставување на нова култура на одговорност по трагедијата што неодамна се случи во Кочани.

Во резолуцијата, едногласно прифатена од сите присутни членови, се наведува дека „времето за правда, дејствување и промени е сега“. Се бара спроведување на целосна, независна и транспарентна истрага за трагедијата, под водство на надлежните институции, ослободени од политичко влијание. Според документот, јавноста треба редовно и јавно да биде информирана за текот и резултатите од истрагата.

Во текстот се истакнува и потребата од повторно отворање на истрагите за претходните трагедии, како несреќата со автобусот на „Дурмо Турс“, несреќата на „Беса Транс“ и пожарот во модуларната болница во Тетово. Во овие настани животот го загубија вкупно 135 лица, а сè уште, како што се наведува, не е утврдена ниту институционална ниту индивидуална одговорност.

Резолуцијата нагласува и дека треба да се адресира небрежноста, неспособноста и потенцијалните коруптивни практики преку утврдување на и индивидуална и институционална одговорност. Се бара детална проверка на имотната состојба и интересите на сите релевантни функционери и инспектори, со цел да се открие евентуален конфликт на интереси или коруптивни врски со субјекти вклучени во испитувањата.

Дополнително, се препорачува вонреден инспекциски надзор во сите високоризични објекти, со посебен фокус на сектори како што се здравството, образованието, угостителството, спортот, транспортот и градежништвото.

Во завршницата на резолуцијата се бара итна реформа на казнената политика, со воведување строги и применливи казни за сите оние чии постапки или пропусти придонесуваат за појава на трагични настани. Од Алијансата за Албанците нагласуваат дека трагедијата во Кочани не треба да биде сведена на „болна статистика“, туку да послужи како пресвртница кон поодговорно и побезбедно општество.

Зачлени се на нашиот е-билтен