Речиси три месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени, Владата конечно најави конкретна комуникациска алатка – телефонска линија преку која повредените и нивните семејства ќе можат да ги изнесат своите потреби. Линијата 070 355 526 ќе биде активна од 9 јуни и ќе функционира преку Канцеларијата на премиерот.
Но овој потег доаѓа дури откако граѓаните сами се мобилизираа, организираа акции, и собраа над 600.000 евра за повредените, покривајќи дел од трошоците што институциите не ги презедоа на време. Владата сега ги повикува токму тие луѓе – повредените и нивните семејства – самите да се јават и да кажат што им треба, наместо државата проактивно да преземе грижа и системско следење на случаите.
Портпаролката Марија Митева изјави дека линијата ќе биде „жив канал на комуникација“ со персонализиран пристап и дека поддршката не треба да биде еднократна, туку континуирана. Најавена е и можност за отворање канцеларија во Кочани или подобрување на болничките услови, но засега без конкретни рокови или обврски.
Сè уште останува нејасно зошто ваков чекор доаѓа дури сега, кога јавноста, волонтерите и активистите одамна ја презедоа улогата што требаше да ја има државата уште од првиот ден. Очекувањата од Владата не се само телефонски линии – туку конкретна, организирана и навремена институционална поддршка за преживеаните и нивните семејства.