Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Амбасадорите на ЕУ му порачаа на Мицкоски да го прави тоа што го зборува

Амбасадорите на Европската унија денес фрлија „бомба“ на средбата на Заедничкиот парламентарен комитет на ЕУ и Македонија праќајќи јасна порака дека ако навистина сака евроинтеграција – владата на Македонија треба да го прави тоа што го зборува, пишува во својот извештај од оваа седница Независен.мк

Реакцијата се однесуваше на гласањето на нашата држава во Обединетите нации за европската резолуција за Украина и за коспонзорството на резолуцијата на САД, во која Русија не се именува како агресор. И покрај сите релативизирања од македонската власт, тоа очигледно е дочекано како удирање нож во грб на Брисел.

Најпрво полскиот амбасадор, во својство на преставник на земја претседавач со Унијата, порача јасно дека „зборовите говорат посилно од делата“.

„Делиме со вас заедничка судбина и се соочуваме со заеднички предизвици. Заеднички можеме и да ги решиме. Од тој аспект сакам особено да нагласам  дека е клучно да се остане посветен на основните европски вредности и принципи и дека последното гласање за резолуциите во ОН предизвика значајна загриженост меѓу мнозинството ЕУ амбасадори овде. Акциите зборуваат посилно од зборовите“, порача полскиот амбасадор Мариуш Бримора. 

Министерот Тимчо Муцунски не ги слушна овие пораки затоа што еднаш по своето обраќање се извини дека има обврски и си замина

Речиси идентична беше пораката на  амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, кој рече дека е суштински да се остане посветен на клучните европски принципи и вредности и тоа да се демонстрира и на мултилатерално ниво, вклучувајќи ги Обединетите нации. Според него, тоа ќе потврди дека нашата стратешка ориентација се ЕУ, па и НАТО, иако веќе сме земја членка на алијансата.

Практично ова е прва размена на пораки без ракавици од ЕУ кон Македонија откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи власта во земјата, која што беше дополнета со потсетувањето дека приклонувањето кон заедничката европска надворешна и одбранбена политика е една од причините за која нашата држава добива пари од ЕУ во рамките на Планот за раст за Западен Балкан и која треба да изнесува 750 милиони евра.    

Зачлени се на нашиот е-билтен