На прославата по повод 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и САД, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, амбасадорката на САД Анџела Агелер најави проширување на трговските врски, борба против корупцијата, модернизирана соработката во одбраната.
– Пред три децении САД и Република Северна Македонија формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности. Оттогаш заедно му покажавме на светот што може да се постигне со сила, компромис и трпелива решителност. И покажавме како изгледа пријателството и соработката. Преку напорна работа, соработка и заемно почитување, билатералните односи се проширија низ владините институции и приватниот сектор. Нашите војници се обучуваа заедно во Криволак и се бореа рамо до рамо во Ирак и Авганистан. Американските академски програми и размените го зајакнуваат следното поколение претпримачи и граѓански лидери, додека американските инвестиции во Северна Македонија донесоа работни места, иновации и можности, рече Агелер.
На свеченоста присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри, пратеници, градоначалници, претставници на Амбасадата на САД, на Армијата, бизнис заедницата, верските заедници, се обрати и министерот за надворешни работи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски.
– Трите децении на партнерство со САД му помогна на македонскиот народ да стане посилен послободен и поуспешен. Од првите денови на независноста македонскиот народ чувствуваше дека САД стојат покрај него. Во клучни мигови таа поддршка беше одлучувачка. Особено ја паметиме одлуката од 2004 година за признавање на нашето уставно име. Чин што остави длабока трага во срцата на македонскиот народ и потврди дека нашата демократија и нашата независност се важни. Нашата соработка доби институционална рамка со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година, а во 2022 година во Вашингтон ја унапредивме со воспоставување на Стратешкиот дијалог, механизам кој отвора пат за подлабока соработка во безбедноста, економијата, енергетиката и образованието, рече Муцунски.