Поради ширењето на птичјиот грип, САД уништија повеќе од 170 милиони кокошки, што доведе до недостаток на јајца и зголемување на нивните цени. Со цел да ја надминат кризата, американските власти контактираат со европски производители, вклучително и оние од Германија, барајќи зголемен извоз.
Германското здружение на производители на живина потврди дека добиле барање од САД, но не открија дополнителни детали. Слични извештаи пристигнаа и од Данска и Шведска, каде медиумите јавуваат дека американските власти активно бараат алтернативни извори на јајца.
Сепак, Германија нема големи можности за извоз, бидејќи не произведува доволно ни за сопствените потреби – во претходните години, домашното производство покрило само 73% од потрошувачката, додека остатокот бил увезен.
Иако претходно САД успеале да увезат извесна количина јајца преку берзата, американската администрација засега не го потврдува активното барање за увоз од Европа.