Анализа: Каде најмногу купуваат онлајн Македонците во странство, а од каде странците најчесто купуваат од нашите е-продавници?

Во 2024 година, македонските граѓани онлајн купувале од странство во вредност од 284,4 милиони евра, преку 7,4 милиони трансакции. Најчесто се купувале услуги поврзани со патувања – авионски билети, резервации за сместување и слично. Ова е раст од 45,4% споредено со 2023 година, додека бројот на трансакции пораснал за 61,4%, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ), базирана на податоци од Народната банка.

Најмногу трансакции се реализирани во:

Ирска – 1,37 милиони трансакции

Холандија – најголема вредност, 41,9 милиони евра

Овие земји, заедно со Обединетото Кралство, САД, Унгарија, Грција и Германија, сочинуваат 74% од вкупната вредност и 67% од бројот на сите трансакции.

Просечната трансакција во 2024 изнесувала 38,6 евра – за 10% помалку од 2023 година. Најскапа просечна трансакција е направена во Германија (214,2 евра), додека најевтина во Луксембург (14,1 евро).

Највисоки стапки на раст:

Број на трансакции: Грција (208%), Литванија (162%), Ирска (141%)

Вредност на трансакции: Литванија (222%), Ирска (59%), Обединето Кралство (59%)

Пад е забележан само кај Германија – бројот на трансакции е намален за 66%, а вредноста за 3%.

Растот, според претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска, се должи на зголемено онлајн пазарење од платформи како Booking.com, Netflix, Uber (Холандија), ASOS и Amazon UK (Велика Британија), како и Meta и Google (Ирска). Овој тренд, вели таа, може позитивно да влијае и на домашните е-трговци преку зголемување на навиката за онлајн купување кај потрошувачите.

Кој купува од македонските е-продавници?
Странските иматели на платежни картички во 2024 потрошиле 37,2 милиони евра за купување производи и услуги од македонски е-трговци – раст од 38,7% во споредба со 2023. Остварени се 1,2 милиони трансакции – раст од 44%.

Најмногу трансакции и вредност доаѓаат од:

САД – 6,3 милиони евра (17% од вкупната вредност)

Швајцарија – 3,5 милиони евра

Германија – 2,4 милиони евра

Потоа следуваат: Ирска (1,85 милиони евра), Турција, Косово и Србија

Највисок раст бележат трансакциите од Ирска, додека во Обединетото Кралство е забележан пад.

Ангеловска посочува дека овие трансакции најверојатно доаѓаат од македонските иселеници кои онлајн купуваат за своите семејства дома. Тоа е сигнал за домашните е-продавници дека постои потенцијал кој треба уште повеќе да се искористи.

Онлајн купувањето од странство расте и кај македонските граѓани и кај странците кои купуваат од македонските продавници. Домашните трговци добиваат поттик да ја унапредат понудата и да се натпреваруваат со глобалните платформи, што е позитивен импулс за развој на целокупната е-трговија во земјава.

Зачлени се на нашиот е-билтен