Во Скопје просечен граѓанин треба да работи 20 минути за да плати една шолја кафе

Фото pixels ciao

Утринското уживање во шолја кафе станува сè погорчливо – не поради вкусот, туку поради нејзината цена, која постојано расте на светските берзи, а квалитетот не секогаш го следи тој тренд. Драматичниот скок на цената на овој напиток, без кој многумина не можат да го започнат денот, станува причина да се преиспитаме дали ќе продолжиме со таа навика. Особено ако кафето го пиеме во локалното кафуле, каде цените – под влијание на глобалните случувања – значително се зголемија.

Затоа се поставува логичното прашање: Колку чини едно утро? И што открива цената на една шолја кафе за економијата на еден град, односно држава? Може ли низ микроекономијата на едно кафуле да се согледа и макроекономската слика на општеството? Некои истражувања велат дека може – бидејќи токму во една шолја еспресо се огледува детална економска мапа на регионот: трошоци за закуп, даночни оптоварувања, просечни плати, па дури и куповната моќ.

Во момент кога во љубљанско кафуле посетител плаќа по три или повеќе евра за кафе, неговиот еквивалент во Сараево за истиот напиток издвојува нешто повеќе од едно евро. Оваа тројна разлика ја открива суштинската економска реалност зад фасадите на националните статистики. Цената на кафето функционира како прецизен економски барометар кој го регистрира реалното локално економско здравје и ги разоткрива разликите што често се сокриени зад бројките на БДП-то.

Ако ја споредиме цената на еспресото во шест главни градови од регионот – Љубљана, Загреб, Белград, Сараево, Подгорица и Скопје ќе ја забележиме вистинската слика на економската нееднаквост.

Љубљана со просечна цена од над 3 евра е на врвот на листата, по неа следи Загреб со 2,20–3,00 евра, во средината се Белград со 1,70–2,40 и Скопје со 1,60, додека Подгорица (1,50–1,60) и Сараево (до 1,20) се на дното. Но, овие бројки добиваат сосема друго значење кога ќе се претворат во „работно време“, односно минути што просечен граѓанин треба да ги помине на работа за да заработи за една шолја.

Во Скопје, просечниот граѓанин треба да работи 20 минути за едно кафе, додека во Подгорица – и покрај сличната цена – доволни се само 14 минути. Анализата на „минути работа за кафе“ нуди многу пореален увид во достапноста на ова секојдневно задоволство отколку самата цена.

ГрадЦена (€)Минути работа (приближно)
Љубљана3,1015–16 минути
Загреб2,6022–33 минути
Белград2,0520–25 минути
Скопје1,6020 минути
Подгорица1,5014 минути
Сараево1,2017 минути

Ако се оди понатаму, ќе се види дека и географијата на градот игра важна улога – цените на кафето не се разликуваат само меѓу градови, туку и внатре во еден град, од центарот кон периферијата.

Белград покажува најголеми разлики – кафето во центарот може да биде и 50% поскапо отколку во населбите. На пример, на елитни локации како Стари град или Савски венац едно кафе чини 295 динари (околу 2,5 евра), додека во други квартови може да се најде и за 140–180 динари. Загреб го следи истиот образец – три евра на главниот плоштад, а 1,50–1,70 евра во Нови Загреб.

Даночни оптоварувања, закуп и маржи – клучни фактори

Ако се разгледа анатомијата на една шолја кафе и нејзините составни делови, ќе се види дека суровината сама по себе е мал дел од цената – помеѓу 0,10 и 0,22 евра по шолја. Љубљанско кафуле може да купи врвна мешавина за над 30 евра по килограм, додека скопско кафуле набавува за 10–15 евра. Но, во самата шолја, таа разлика е минимална.

Трошоците за закуп се движат од 0,30 до 1,20 евра по шолја, а трошоците за работна сила од 0,20 до 0,90 евра. Даноците дополнително ја зголемуваат крајната цена – хрватските угостители имаат најголемо оптоварување со ДДВ од 25% и дополнителен данок на потрошувачка од 3%. Спротивно на очекувањата, Словенија има најниска стапка на ДДВ на угостителски услуги – само 9,5% .

Кога сето тоа ќе се собере, се добива изненадувачки распон на профитни маржи – од умерени во Сараево и Скопје до екстремни во Загреб. Според анализа на хрватскиот гастро портал „Култ Плаве Каменице“ од мај 2024, маржите на еспресо во некои загрепски кафулиња достигнуваат неверојатни 2000–2500%.

Ова покажува дека најскапото кафе не значи и најквалитетно – тоа е само кафе на најскапата локација со највисока маржа.

На крајот, се чини дека микроекономијата на едно кафуле дава попрецизни показатели за економската виталност на едно општество отколку што тоа можат да го понудат апстрактните макроекономски индикатори. Но, она што не е апстрактно е чувството дека – покрај глобалните трендови и светските цени – и локалните закони, даночната политика и многу други фактори го прават нашиот омилен утрински ритуал се потежок за џебот.

Зачлени се на нашиот е-билтен