Андоновски не знаел дека фирмата која добила тендер е на сопругот на државната секретарка Клинчарова

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги отфрли обвинувањата на СДСМ, нагласувајќи дека фирмата „МАТЕО ДИЗАЈН“ ги исполнила сите критериуми за тендерот и дека не постои простор за судир на интереси.

Тој појасни дека државната секретарка Гордана Клинчарова нема никаква улога во процесот на јавните набавки, бидејќи не учествува во ниту една фаза од постапката.

Андоновски истакна дека договорот со „МАТЕО ДИЗАЈН“ го потпишал само поради тоа што сите законски процедури биле испочитувани, а пред да стигне на негов потпис, тој воопшто не бил запознаен со фирмата.

„До моментот кога договорот дојде за потпис, не знаев дека постои таква фирма. Кога дознав, направив дополнителни проверки. Доколку ја поништев постапката, Министерството ќе беше изложено на трошоци и судски постапки, што во минатото беше чест случај“, изјави Андоновски.

Тој нагласи дека јавната набавка се однесувала на конференциска и презентациска опрема, за која конкурирала само една компанија што ги исполнила сите услови. Дополнително, тој посочи дека за овој тендер не била поднесена ниту една жалба.

Министерот ги демантираше тврдењата на СДСМ дека договорот изнесува 2,5 милиони денари, истакнувајќи дека реалната вредност е 1.531.927 денари, што е за 40% пониска од планираната сума.

„Со оваа набавка заштедени се околу еден милион денари, а во споредба со пазарните цени, намалувањето е од 10 до 45 отсто“, додаде Андоновски.

Тој потенцираше дека неговата улога во процесот е само да ја потпише одлуката врз основа на извештаите од комисиите кои ја спроведуваат набавката, а тие, како што истакна, се составени од независни и стручни лица.

Андоновски повика Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство да ги испитаат сите наводи доколку постојат сомнежи.

Воедно, тој побара од СДСМ да се извинат за, како што рече, „лажните обвинувања“, а доколку не го сторат тоа, најави можност за правни чекори против нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен