Ангелов за новото директорско место: ДЗС е во хаос, без пилоти и без тимови

„По претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, разрешен сум од позицијата директор на Центарот за управување со кризи. Од денес (вторник, 27 мај 2025 година), сум в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС)“, вели Стојанче Ангелов и додава:

-Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност.

Тој вели дека инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.

-Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин. Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана. Позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број на соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места, појаснува Ангелов.

Тој додава дека заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обиде да ги надмине детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција.

-Како директор, ќе можам детално одвнатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција, на чие формирање забрзано се работи, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, вели Ангелов.

Зачлени се на нашиот е-билтен