Антикорупциската комисија во улога на „ни мома ни невеста“ Трајковска сама да одлучела

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) го задржува легитимитетот да работи и покрај тоа што нејзината претседателка Татјана Димитровска е обвинета за оддавање службени тајни во случајот „Адитив“. Од Комисијата за „360 степени“ порачаа дека одговорноста е индивидуална и дека токму Димитровска, а не колективот, треба да одлучи дали ќе поднесе оставка.

„Комисијата продолжува редовно да ги извршува надлежностите пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Одговорноста е индивидуална, поради што Комисијата поседува кредибилитет и ја продолжува својата работа,“ стои во писмениот одговор од ДКСК.

Обвинението против Димитровска опфаќа и спорен безбедносен сертификат, кој, според обвинителството, го добила откако психолошкиот тест наместо неа го положил друг вработен – ревизор.

„360 степени“ испратил прашање и директно до Димитровска дали планира да се повлече. До затворањето на изданието, таа не одговорила. Комисијата, пак, официјално се дистанцира од случајот, но не прецизира дали смета дека нејзината претседателка треба да се повлече од функцијата додека трае постапката.

Според Законот, Комисијата има петмина членови, а претседателот се избира меѓу нив. За ДКСК, навременото и непречено функционирање е „исклучително важно за општеството“, порачуваат од институцијата, потенцирајќи дека тековните истраги и случаи ќе продолжат согласно планот.

Зачлени се на нашиот е-билтен