Апелација ја поништи забраната за штрајк во М-НАВ

Апелациониот суд Скопје ја поништи одлуката на Граѓанскиот суд со која беше забранет штрајкот на контролорите на летање во Македонска навигација М-НАВ.

Со одлуката на Апелација, Синдикатот на контролорите може веднаш да започне со штрајкот, откако тој прво беше најавен за 20 октомври.

Од Синдикатот тврдат дека токму поради политички притисок судијката постапила спротивно на процедурата и без основ го забранила штрајкот. Најспорниот момент за Апелација е фактот дека судијката донела времена мерка иако такво барање во тужбата воопшто немало.

Совет од тројца судии на Апелациониот суд утврдил дека е повреден член 2 од Законот за парнична постапка, притоа критикувајќи ја судијката дека направила „сопствена правна конструкција“ и од нешто што не било побарано — самата извлекла заклучок дека треба да одреди привремена мерка „забрана за штрајк“. Поради тоа предметот е вратен на повторно судење во Граѓанскиот суд Скопје.

Апелација во своето образложение нагласува дека првостепениот суд не дал јасни причини зашто тужбата би се третирала како предлог за времена мерка, ниту пак навел правна основа за својата интервенција.

Штрајкот на контролорите на летање беше најавен за 20 октомври, ден по првиот круг од локалните избори, со намера да не се преклопи со гласањето. Барањата на контролорите се стари и датираат уште од времето на претходната власт, меѓу кои се обвиненијата за партиски вработувања, лоши услови за работа и трошење средства за несуштински намени, наместо за опрема и подобри технички услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен