Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Армиите на Македонија и на САД денес вежбаа на Криволак навигација при воздушно гаѓање

Во текот на денешниот ден, на армискиот полигон „Криволак“, со прелети на воени воздухоплови, се реализираше заедничка обука во навигационо наведување на специјализирани тимови од Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили на САД, соопшти прес-службата на Армијата.

За време на активноста, два американски воени воздухоплови, преку симулација на блиска воздушна поддршка, овозможија проверка на процедурите во навигациско наведување на копнени цели од воздух, како дел од здружената воздухопловна контрола.

Притоа, специјализираните тимови на Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили на САД имаа можност на терен да ги извежбаат постапките во координирање, воздушно наведување, блиска воздушна поддршка и наведување на копнени цели од воздух.

Преку ваквите вежбовни воздухопловни активности во текот на изминатата година, во потполност беа потврдени обученоста и целосната интероперабилност не само на тимовите на терен, туку и на составите вклучени во навигација и кои се дел од здружената контрола на воздушниот простор, велат од Генералштабот на Армијата на Северна Македонија.

„Овој вид на здружени воздухопловни активности ни овозможуваат да ја прикажеме нашата интероперабилност во тактиките, техниките и процедурите на НАТО и можностите кои ги нуди армискиот полигон ‘Криволак’. Воедно, го потврдуваат заедништвото и функционирањето на колективниот систем за одбрана во одржување на безбеден воздушен простор на сите НАТО сојузници“, се вели во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново