Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова излезе со одлука за ангажирање на дел од Армијата во гаснењето на пожарите, кои интензивно се шират на неколку локации низ земјата.
Оваа одлука е донесена согласно Законот за управување со кризи и следува по прогласената кризна состојба од страна на Владата, информираат од Кабинетот на претседателката.
„Генералштабот на Армијата ќе го одреди начинот и обемот на нејзиното учество во справувањето со пожарите,“ стои во соопштението.
Претседателката внимателно ја следи ситуацијата и постојано е во контакт со надлежните институции. Таа изрази загриженост за ширењето на пожарите и сочувство со граѓаните кои се директно погодени.