Арсовска најавува фељтон за градски криминал: „Ќе објавам сè – со имиња, аргументи и докази!“

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, најави дека од утре започнува со објавување на фељтон во кој, како што тврди, ќе бидат разобличени сите случаи на криминал и незаконски постапувања што биле откриени од Градот, но останале без реакција од надлежните институции.

„Ќе објавувам едно по едно СИТЕ ОД НАША СТРАНА констатирани и спречени незаконски постапувања и криминал, со аргументи и докази, за кои сè уште никој не постапува,“ изјави Арсовска.

Според неа, во изминатите три години, Град Скопје спречил над 150 обиди за нелегална легализација на дивоградби, како и изградба на асфалтни бази во густо населени места. Арсовска тврди дека биле поднесени и кривични пријави против големи загадувачи, меѓу кои и цементарницата УСЈЕ, но институциите останале неми, а нејзиниот тим, како што вели, секојдневно се соочува со закани.

Фељтон против молкот

Арсовска потенцира дека целта на фељтонот е да се покаже дека Градот реагирал веднаш, додека, според неа, други „си терале како и досега“.

„Отстранивме тендераши, фирми кои работеле во интерес на партии и расчистивме со корупцијата. За да нема простор за ’филозофирање‘ и ’празна реторика‘, ќе покажеме документирано дека постапувавме веднаш,“ додаде таа.

Нејзината најава доаѓа во период на зголемени политички тензии и обвинувања за нефункционирање на институциите. Првиот дел од најавениот фељтон се очекува да биде објавен веќе утре, а јавноста со голем интерес ќе го следи развојот на оваа иницијатива која може да отвори нова фаза во односите меѓу локалната самоуправа и државните органи.

Зачлени се на нашиот е-билтен