По напуштањето на полициската станица, каде што го пријави денешниот инцидент, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска упати жестока критика кон МВР преку видео обраќање, обвинувајќи ги за обид за прикривање на насилството што, според неа, го доживеала.
„Сега се обидуваат да го заташкаат случајот со тоа што ми велат да не сум излегувала на терен и што воопшто сум барала таму“, вели Арсовска.
Таа предупреди дека токму ваквите реакции од институциите водат кон сериозни последици:
„Да резимираме – ова се причините зошто во Македонија стигаме до фемицид. Затоа што ќе пријавувате насилници сто пати и никој нема да реагира, и на крај ќе ве утепаат.“
Во пораката упатена до јавноста, таа остро го обвини Министерството за внатрешни работи:
„Затоа не сме држава. Затоа МВР функционира во одбрана на криминалци. МВР функционира да ги брани тие што напаѓаат и тепаат по улици.“
Објавата на Арсовска предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, додека институциите сè уште не излегоа со официјален став во врска со нејзините обвинувања.