Арсовска со порака до Мицкоски: Докази за дивоградбите има, ако молчиш – соучествуваш

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска преку социјалната мрежа „Фејсбук“ јавно му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски во врска со акутелните настани поврзани со дивоградбите во општина Чаир.

Во објавата, Арсовска истакна дека веќе три години се обидува институционално да спречи легализација на над 150 дивоградби, за кои постојат пријави и доставени документи до надлежните органи уште од 2023 година. Според неа, реакцијата од страна на државните институции изостанала, а наместо поддршка, добива закани и обиди за заплашување.

„Мицкоски, денес ти се обраќам како жена, како човек, како градоначалник… Ако не си вмешан во нивните криминали, не ги брани, биди премиер на сите граѓани и заштити не!“, порачува Арсовска, повикувајќи го Мицкоски да преземе конкретни чекори против, како што ги нарекува, „криминалците од ДУИ“.

Таа посебно ги споменува Висар Ганиу, Ејуп Адеми и Меџити, потенцирајќи дека тие повеќе од две децении се дел од властa, а сега, преку новата коалиција ВЛЕН, се обидуваат да се сокријат зад други политички фигури. Арсовска го обвини Мицкоски дека наместо да ги гони, ги брани и ги нарекува „господа“ во јавните настапи.

„Ти Мицкоски дозволи Висар Ганиу и Ејуп Адеми да ми се закануваат… наместо институционално да не заштитиш, ти го браниш“, стои во нејзината порака.

Таа потенцираше дека премиерот дека со неговото непостапување станува соучесник во криминалот поврзан со фалсификати во Катастарот, преку кои, како што тврди, нелегални објекти се обидуваат да се запишат како легални.

„Ако не преземеш чекор и покрај доказите за криминалот со дивоградбите, тогаш си соучесник на фалсификатите и нема други оправдувања“, додава Арсовска и завршува со порака: „НЕ ВИ СЕ ПЛАШАМ И НЕ СЕ ПОВЛЕКУВАМ.“

Ова јавно обраќање доаѓа во пресрет на седницата на Советот на Град Скопје на која треба да се дискутира за случајот со дивоградбите во Чаир – прашање кое, според Арсовска, може да го отвори патот до сериозни истраги за поширок криминал поврзан со урбанизмот и злоупотреба на службената положба.

Од Владата и од премиерот Мицкоски засега нема официјален одговор на обвинувањата.

Зачлени се на нашиот е-билтен