АВМУ: На националните телевизии најголем обем платено политичко рекламирање имало на ТВ Канал 5, ТВ Алсат-М и ТВ Алфа

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изработи Извештај од изборното медиумско претставување и Извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, од 20 до 31 октомври 2025 година.

Во клучните наоди се наведува дека во вториот круг од изборната кампања, вкупно 41 радиодифузер – 22 телевизии и 19 радија, склучија договори со учесниците во изборната кампања. Од нив пак, простор за платено политичко рекламирање на телевизиите и радијата, закупија само четирите коалиции предводени од најголемите политички партии од позицијата и опозицијата, како и независните кандидати за градоначалници на општините Куманово – Горан Стојковски Диро и на Струга – Менди Ќира.

На сите 22 телевизии заедно беа емитувани вкупно 190 575 секунди или 52 часа 56 минути и 15 секунди платено политичко рекламирање за Локалните избори. На сите 19 радија заедно беа емитувани вкупно 171 271 секунди или 47 часа 34 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Во вториот круг од изборната кампања за Локалните избори 2025 на телевизиите и радијата беа емитувани вкупно 361 846 секунди или 100 часа 30 минути и 46 секунди платено политичко рекламирање.

Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа ТВ Канал 5 (17 616 секунди), ТВ Алсат-М (16 999 секунди) и ТВ Алфа (16 937 секунди).

Од 9-те регионални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа ТВ Коха (21 329 секунди) и ТВ ЕДО (19 406 секунди). ТВ Коха имаше и најголем обем на ППР во вториот круг од изборите.

Од 4-те локални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваше ТВ Ускана од Кичево (17 774 секунди), потоа ТВ Калтрина од Струга (8 968 секунди), ТВ Протел од Пробиштип (7 012 секунди), а најмал обем имаше ТВ Кочани (4 502 секунди).

Од вкупно четири национални радија, три склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време емитуваа РА Антена 5 (19 787 секунди) и РА Канал 77 (10 286 секунди). РА Метрополис емитуваше 3 185 секунди, а РА Јон не емитуваше ППР во вториот круг.

Од 8-те регионални радија кои склучија договори за емитување ППР во вториот круг, најголем обем рекламно време емитуваа РА Сити (17 974 секунди) и РА Клуб ФМ (13 288 секунди).

Од 8-те локални радија кои склучија договори за емитување ППР во вториот круг од Локалните избори, најголем обем рекламно време емитуваа РА Валандово (10 116 секунди) и РА Кочани (8 944 секунди).

Најкраткиот рекламен спот емитуван на радијата, со времетраење од 10 секунди беше од нарачателот Група избирачи – Горан Стојковски Диро, а најдолгиот рекламен спот беше со времетраење од 97 секунди, од нарачателот Коалиција Твоја Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

На телевизиските програми, најкратките емитувани рекламни спотови беа со времетраење од 12 секунди, едниот на Коалицијата за Локални избори 2025, предводена од СДСМ, а другиот на Коалицијата Национална алијанса за интеграција – НАИ, предводена од ДУИ, додека пак најдолгото платено политичко рекламирање со времетраење од 135 секунди беше исто така од нарачателот Национална алијанса за интеграција – НАИ.

На телевизија најмногу време закупија двете коалиции предводени од партиите ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ – Коалицијата Твоја Македонија (95 942 секунди) и Национална алијанса за интеграција – НАИ (54 285 секунди). Од учесниците во изборна кампања што се рекламираа на ТВ во вториот круг, најмалку време закупи Коалицијата ВЛЕН (19 460 секунди).

На радио најмногу време закупија двете коалиции предводени од партиите ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ – Коалицијата Твоја Македонија (137 374 секунди) и Коалицијата за Локални избори 2025 (23 584 секунди). Од учесниците во изборна кампања што се рекламираа на радио, најмалку време закупи Коалиција ВЛЕН (2 093 секунди).

На сите радиодифузери заедно, најмногу време закупи Коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО – ДПМНЕ (233 316 секунди или 64 часа 48 минути и 36 секунди), а потоа Коалицијата Национална алијанса за интеграција – НАИ, предводена од ДУИ (54 285 секунди или 15 часа 4 минути и 45 секунди).

Потребно е да се нотира дека за разлика од изборната кампања во првиот круг од Локалните избори, кога Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ закупуваше простор кај радиодифузерите за промоција и на кандидатите на Движење ЗНАМ-За наша Македонија, во вториот круг немаше таква пракса. Оттаму, согласно одредбите од Изборниот законик Движење ЗНАМ-За наша Македонија и Левица немаа платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите. Коалицијата Искуство за успех пак, која во вториот круг имаше свој кандидат за градоначалник во Општина Карпош, одлучи да не закупи простор за рекламирање на радиодифузерите. Не се рекламираше ниту политичката партија Унија на Ромите која имаше кандидат за градоначалник во Општина Шуто Оризари.

Од двајцата кандидати поддржани од групи избирачи кои се рекламираа на радијата, повеќе време закупи кандидатот Горан Стојковски Диро (4 860 секунди), а кандидатот Менди Ќира закупи 3 360 секунди.

Зачлени се на нашиот е-билтен