Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Аврамовска Мадиќ: Наредната седница на работната група за уставни амандмани ќе се одржи по 7 мај

Работната група за подготовка на уставните амандмани седница наредната седница ќе ја одржи по 7 мај, и самата ќе се произнесе за начинот на работа и роковите, најави денеска заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.

„Работната група за уставните измени се конституира. Се договорија да започнат со работа после 7 мај. На наредната седница откако ќе има начелен став во кој модел и на каков начин ќе работат и со рокови самите ќе се произнесат. Министерството за правда, јас и министерот понатаму нема да се мешаме во делот на поставување бидејќи сметаме дека таму има одредени експерти и професионалци и претставници од политички партии кои најдобро ќе си ја завршат работата за она за што се формирани. Сите знаеме дека уставните измени се единствениот пат кон ЕУ и ние ќе направиме се со Министерството за правда да продолжиме понатаму“, рече Аврамовска Мадиќ на новинарско прашање по конститутивната седница на работната група за изборните реформи, пренесе МИА.

Таа посочи дека во моментов работната група за уставните амандмани ќе продолжи да работи во оној состав во кој што е формирана.

„Доколку сами имаат потреба да побараат некои дополнителни експерти, меѓутоа сметаме дека во таа работа група има доволно и соодветни експерти кои можат самите да придонесат за она за што се формирани и за она што треба да го извадат – предлог-иницијативата за отворање на Уставот“, рече таа прашана дали е можно проширување на списокот на експерти.

Работната група која треба да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот, брои 23 члена – 10 се предлози на политички партии, 10 се експерти и тројца се претставници на институции. ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на работната група.

По изготвувањето, предлогот ќе биде доставен до Владата, која потоа ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собранието. Предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

На првата седница одржана на 25 април, за претседател на работната група беше избрана поранешната судијка во ЕСЧП во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, а за потпретседател поранешниот уставен судија и професор по уставно право Бајрам Положани.

Print Friendly, PDF & Email

Зачлени се на нашиот е-билтен