Австрија прв противник на Македонија во главната фаза на СП во ракомет

Фото: РФМ

Македонската репрезентација денеска од 15:30 ја почнува главната фаза од Светското првенство во ракомет со натпревар против селекцијата на Австрија.

Ова ќе биде вистински тест за македонските ракометари, натпревар во кој обложувалниците даваат исти шанси за победа на двете репрезентации. Натпреварот со австрија е и шанса за Македонија за освојување поени и можност за повисок пласман.

Селекторот Кирил Лазаров рече дека Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од натпреварот и дека нивниот систем функционира во сите фази на играта.

„Двајца важни играчи им се повредено, што е секако плус за нас. Ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и доста сме претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ќе биде тешко, исцрпно. Мора да бидеме физички и ментално спремни“ рече Лазаров пред натпреварот.

Тој исто така повика и на поддршка од трибините и најави дека македонските навивачи ќе бидат додадена вредност.

Во главната рунда, Македонија е во група со Холандија и Унгарија со кои заедно продолжи од прелиминарната фаза како и селекциите на Австрија, Катар и Франција со кои треба да игра.

Франција е прва во групата со четири поени, Унгарија има три, Холандија и Австрија по два, Македонија има еден, додека Катар во главната фаза премина без поени.

Во четвртфиналето се пласираат само две репрезентации од секоја група.

Зачлени се на нашиот е-билтен