Бајач од Трубарево успеал да извлече 400.000 евра од брачен пар од Берово за да го лекува нивниот син од магии и зли сили. Тој денеска е лишен од слобода и ќе одговара за кривично дело измама.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, Б.Д. (76) од Берово во СВР ШТИП пријавил дека Д.И. (54) од село Трубарево, скопско во периодот од 2022 до 2025 година ги довел и ги држел во заблуда него и неговата сопруга М.Д. прикажувајќи се самиот себе како лице со посебни паранормални способности, наводен „бајач“, истерувач на духови и магии, односно како божји човек кој има моќ и сила да растури зла магија што наводно била направена над нивниот син и што наводно му го загрозувала неговото здравје и живот.
Во изминатите три години, брачниот пар во повеќе наврати на различни локации во Скопје и Берово му давале пари во висина од 5.000 до 6.000 евра за лекувањето, и на тој начин измамникот се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 400.000 евра.
Од МВР информираат дека откако измамените го пријавиле случајот, полициски службеници од СВР Штип и ОВР Берово, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје, по насоки на јавен обвинител од надлежното ОЈО Кочани, ги обележале парите по што вчера во Берово од слобода биле лишени пријавениот Д.И. и неговата мајка Д.И. (76) од Трубарево, кај која при извршен претрес биле пронајдени 3000 евра.
Против двете лица е поднесена кривична пријава за продолжено кривично дело измама и се предадени на судија за предходна постапка во Основниот суд Кочани.