Балканот во потрага по европското сонце падна во украинската сенка

Балканот во потрага по европското сонце падна во украинската сенка. Војната во Украина ја промени приоритетната листа на Брисел. Она што до пред неколку години изгледаше како бавна техничка агенда – проширувањето на Европската унија, денес е претворено во прашање на безбедност и опстанок на европскиот континент.

Украина сега добива не само политички и финансиски третман без преседан, туку на неодамнешниот самит во Париз, 26 земји од „Коалиција на подготвени“ се согласија да испратат војници и други ресурси во подршка на Украина.

Ова е само потврда на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дадена во Киев: „Пристапувањето кон ЕУ ќе биде најважната безбедносна гаранција за иднината на Украина.“ 

Настанот го нагласува фактот дека проширувањето и безбедноста одамна се испреплетуваат.

Со фокусот вперен „на исток“, природно се наметнува прашањето: каде останува Западниот Балкан?

Регионот веќе две децении чека во европската чекалница. Секоја нова криза – од финансиска, преку бегалска, до безбедносна – ја турка агендата за Балканот на маргините. Денес, со целото внимание вперено кон Украина, ризикот од уште подолга стагнација е реален.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на последниот Бледски стратешки форум смирува дека „Европа не се повлекува, Европа се ангажира,“ додавајќи дека стабилноста на Балканот е дел од поширокиот безбедносен интерес на Унијата. Но дипломатите во Брисел признаваат дека регионот нема истата „итност“ како Украина или Молдавија.

Додека источноевропските кандидати се гледаат низ призмата на директната руска закана, Балканот е врзан со сопствени хронични проблеми: нерешени билатерални спорови, споро темпо на реформи и висок степен на политичка нестабилност.

Но не сите земји на Западниот Балкан се движат со исто темпо.

Албанија динамично ,,вози” напред отворајќи неколку преговорачки кластери и успеа да се позиционира како идна членка на Унијата. Црна Гора е во тесна трка со неа.

Жално е што Северна Македонија иако прва има усогласена надворешна политика со Унијата, останува заглавена во билатералниот спор со Бугарија, што ја прави „тежок случај“ за европските институции. Дури и со јасна геополитичка важност, земјата се перципира како проблематична, бидејќи ЕУ има малку волја да решава дополнителни прашања во време на војна.

Оттаму, патот на Македонија кон ЕУ може да се нарече “лет во место”. Сега таа се “трка” со
Србија која се наоѓа под притисок да избере меѓу ЕУ и традиционалните врски со Русија и Кина, со проблематичната БиХ и со полупризнаената држава Косово!

Европа е свесна дека губењето на Балканот би оставило простор за засилено влијание на Русија, Кина и Турција. Но таа свесност не секогаш се претвора во конкретна политичка акција.

За да ја одржи довербата на регионот, ЕУ веќе лансираше неколку финансиски инструменти со кои се издвојуваат милијарди евра за инфраструктура, економски развој и поврзување на Балканот со европскиот пазар.

Овие пакети се обид да се покаже дека Европа не заборава на регионот. Но тие не ја заменуваат политичката потреба на вистинско членство.

Балканските земји денес се соочени со јасна дилема. Украина ја доби својата шанса поради трагедијата што ја погоди. Западниот Балкан ја има својата шанса, но таа доаѓа со услов за стабилност и реформи.

Прашањето е дали Балканот ќе ја искористи оваа геополитичка прилика или ќе остане засекогаш во сенката на украинскиот приоритет.

Зачлени се на нашиот е-билтен