Банките се подготвуваат за вклучување во СЕПА во октомври 2025

Сите 12 комерцијални банки во Северна Македонија интензивно работат на техничката и административната подготовка за приклучување кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со цел да започнат со извршување на прекугранични трансакции во евра од октомври 2025 година.

Според информациите изнесени на состанокот на Националниот совет за платни системи (НСП), една од системски значајните банки веќе ја поднела својата апликација до Европскиот совет за плаќања (ЕПС), додека девет други банки веќе избрале странска кореспондентна банка – предуслов за влез во системот. Останатите се во завршна фаза од подготовките.

Целта е поголемиот дел од банките да го комплетираат процесот до 22 август, за да бидат подготвени за старт на трансакциите во октомври – што е и најраното дозволено вклучување од страна на ЕПС.

Состанокот, кој беше воден од вицегувернерката Емилија Нацевска, претседателка на НСП, се фокусираше на тековниот статус на подготовките, предизвиците со кои се соочуваат банките и мерките за нивно навремено надминување. НСП, како координативно и консултативно тело составено од претставници на Народната банка и Македонската банкарска асоцијација, продолжува со активна поддршка за успешна интеграција на банкарскиот сектор во европскиот платежен систем.

Влезот на Северна Македонија во СЕПА беше официјално одобрен на 6 март 2025 година, со што се отвори можноста домашните банки да станат дел од платежните шеми што опфаќаат 40 земји. Ова значително ќе го олесни и поевтини трансферот на пари во евра – за граѓаните, компаниите и јавните институции.

Народната банка најавува дека ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за напредокот на процесот и поддршката што ѝ ја обезбедува на банкарската индустрија.

Зачлени се на нашиот е-билтен