Во четвртата епизода на шорткастот „Интеркултура” на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) со Роберт Алаѓозовски, гостин е Горан Башиќ, директор на Институтот за општествени науки од Србија и стручњак за човекови права и меѓуетнички односи.
Говорејќи за развојот на меѓуетничките односи во Македонија, Башиќ смета дека како и други земји на Балканот, Македонија е вистински мултиетничка земја со малцинства и народи кои живеат заедно со векови, но со последиците од глобалната транзиција, граѓаните преживеаја одредени трауми кои оставија лузни. Затоа, и покрај обидите за отворен дијалог и културна размена, сепак постојат препреки и недоразбирања, со кои популистите можат лесно да разгорат конфликт.
„Сите ние од Западен Балкан чувствуваме некаква неправда, горчина, дека овој простор помина многу лошо во оваа глобална транзиција. Ми се чини дека Македонија навистина има право да чувствува целосна горчина, затоа што претрпе неколку од тие трауматични ситуации, ми се чини достоинствено и онака како што се очекува одговорни граѓани да направат, но кои оставија лузни кај македонското општество и граѓаните… Дијалогот, разговорот, размената на култури е нешто што е неопходно за да се воспостави стабилно општество. Ако општеството се подели по етнички линии, тогаш шансите за стабилност се многу помали“, истакна Башиќ.
Иако грижата на државите за своите малцинства во други земји е легитимен процес, според Башиќ потребна е реконцептуализација на тие односи и еден регионален пристап, со цел да не се нарушува внатрешната динамика и кохезија помеѓу различните етнички заедници во мултиетничките општества.
„Ми се чини дека е потребен, кога Западот и Балканот се во прашање, еден регионален пристап кон заштитата на малцинствата и заштита на идентитетот. Исто така, вклучување на малцинствата во политичкиот живот, во општествениот живот, како да имаат реално влијание за да се чувствуваат граѓани на земјите во кои живеат и во кои најчесто се родени, и земјата на потекло. Тоа е нешто што не е најсреќно решено во моментов, туку е главно поврзано со политички партии, со политички интереси. И тогаш, тоа има малку врска со интересите на граѓаните. И, потоа е многу лесно да се профилираат малцински елити кои се поврзуваат со матичните држави, и тука веќе не може да се зборува за најдобар интерес на граѓаните што се припадници на малцинствата, туку за интереси на групи“, објаснува Башиќ.
Алаѓозовски и Башиќ разговараат и за либерализмот, стравот од миграцијата, автократските режими, подемот на екстремната десница низ светот, меѓународните институции за заштита на човековите права, неуспесите во унапредувањето на статусот на Ромите и за тоа како овие процеси влијаат на интеркултурализмот во Македонија, Балканот и светот.