Во најновото издание на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА со Петрит Сарачини, гостин е Лимко Бејзароски, претседател на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), кој се осврна на најчестите форми на дискриминација во нашето општество.
Во пресрет на Парадата на Гордоста, кога вообичаено има зголемен говор на омраза и дискриминаторски говор кон ЛГБТИК+ заедницата, Бејзароски потенцираше дека тие се среќаваат најмногу во изјави на видни личности во медиумите и во објави и коментари на социјалните мрежи, но и дека во последнава година има намалување на претставките по овој основ до Комисијата.
„Во претходните години имавме многу поголем број на претставки, додека во 2024 година тие претставки се знатно намалени…Еден од факторите е поради соработката со Квир центарот и многу прашања што ја тангираа оваа проблематика се решени со работата на Комисијата…Имаме неколку одлуки, имаме преземено дејствија, имаме поднесено неколку прекршочни пријави до соодветен судски орган, каде што имаме и пресуди. Вознемирувањето и говорот на омраза го среќаваме во медиумите…Луѓе со објави, луѓе кои излегуваат во медиумите како гости, потоа, имаме последица од тоа со коментари и шерувања на одредени изјави на видни личности кои се препознатливи во општеството“, истакна Бејзароски.
Тој посочи дека загрижува зголемувањето на дискриминација врз основа на национална, верска и етничка припадност во јавните институции. Затоа Комисијата, преку процесирање предмети, давање препораки и вршење обуки, работи на намалување на овој облик на дискриминација.
„За жал, вистината е таква, реална, дека во јавниот сектор имаме зголемен број на дискриминација по основ на етничка, верска, политичка припадност. И, тоа нè загрижува сите нас како општество и нè поттикнува понатаму сите заедно да се бориме да го намалиме или да го победиме ова зло, кое прави вистински, реално, штета на сите нас како граѓани, затоа што со тоа државата станува одбивна за сите граѓани и процесот на иселување од Македонија сериозно се зголемува, затоа што е загрозена правната слобода и правната заштита“, укажа Бејзароски.
Бејзароски зборуваше и за соработката на Комисијата со државните институции, политичката дискриминација која е многу присутна во нашето општество и борбата против говорот на омраза.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во разговорот со претседателот на КСЗД, Лимко Бејзароски во видео шорткастот „Што има ново?”.