Во следните два дена жителите на скопското населено место Трубарево ќе можат бесплатно да извршат пулмолошки прегледи, како дел од скрининг што го организира Министерството за здравство по минатонеделниот голем пожар во магацинот на фирмата „Ф-Групација“.
Прегледите ќе вклучуваат целосна клиничка проверка, спирометрија и ЕКГ, а министерот Фатмир Алиу ги повика сите жители што чувствуваат проблеми со дишењето да се пријават.
Иако отпадот од пожарот е затрупан со земја и песок, дел од жителите сведочат дека мирис на изгорена пластика и понатаму се чувствува, особено во ноќните и утринските часови.
По неколкудневното учење од дома, околу 1.800 ученици од четирите основни училишта во Трубарево се вратија во училишните клупи. Од Универзитетот во Штип, каде што беа направени анализите на воздухот, уверуваат дека наставата е безбедна, иако дел од родителите сè уште имаат сомнежи.
Министерството за животна средина вчера соопшти дека концентрациите на PM₁₀ честичките се под дозволените гранични вредности, со просек од 9,8 µg/m³ и максимално измерена вредност од 43,3 µg/m³. Сепак, јавноста сè уште очекува одговор на клучното прашање – што точно и во која количина изгоре во пожарот.