-Би било неуспех ако не воведеме ниту една нова членка во ЕУ за време на сегашната Европска комисија и сигурна сум дека можеме да го сториме тоа. Би можеле да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот на крајот на 2026 година од техничка гледна точка. Со Албанија, би можеле да го завршиме процесот од техничка гледна точка до крајот на 2027 година. Зошто велам од техничка гледна точка? Бидејќи станува збор за постапка на преговори, а земјите кандидати мора да спроведат реформи, но потоа на земјите-членки е да одлучат дали ќе станат членки или не, вели еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос во интервју за Радио Слободна Евроа.
Оваа констатација на Кос е поразителна доколку се знае дека пред две години Северна Македонија беше лидер во евроинтеграциите во регионот заедно со Албанија и Црна Гора, а сега, вели Кос, „Северна Македонија е тажна приказна заедно со Косово и Босна и Херцеговина“.
Ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина, вели во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос.
Таа, во интервјуто за РСЕ направено пред нејзината посета на Србија, изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат како еврокомесарка, позиција што ја презеде во септември 2024 година, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Европската Унија.
Во однос на проширувањето на ЕУ, Кос вели дека уште кога била кандидат за комесар, кажала дека проширувањето денес е различно отколку што било пред пет години.
– Знаете, јас доаѓам од Словенија, која порано беше дел од оваа територија во поширока смисла. Значи, во некои аспекти, регионот беше подобар пред 20 години отколку што е денес. И има две или три многу тажни приказни. Една од нив е што Косово не може да оди напред. Друга тажна приказна е Северна Македонија. Знаете, ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. И, секако, тука е и Босна и Херцеговина, истакна Кос.
Секако, додаде еврокомесарката, сè уште станува збор за поглавја, кластери и одредници, но ова е многу поважно во смисла дека ако не успееме во ова, всушност, ќе го кажам вака, не смееме да не успееме.
-Сепак, денес велам дека процесот на проширување е различен од оној што беше во јануари, бидејќи толку многу работи се променија, вклучително и новата Влада на Соединетите Држави (САД). Геополитиката се промени во смисла дека беше приоритет пред проширувањето, но не беше толку поврзана со делот за безбедноста и мирот. И повторно, некако со денешното проширување, се враќаме на основите за тоа зошто беше основана ЕУ. Тоа беше за да се обезбеди мир, слобода, просперитет, а денес би можеле да додадеме и безбедност. Тоа е всушност она што го правиме во целиот процес, рече Кос.
Марта Кос оцени дека денес е многу важно ЕУ да не потфрли процесот на проширување, што, како што вели, е најуспешната надворешна политика на ЕУ.