20-годишникот кој синоќа усмрти 22-годишна девојка на „Партизанска“ возел пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло, соопшти Јавното обвинителство.
ОЈО спроведе истрага и предложи мерка притвор за 20-годишникот кој со автомобил прегази 22-годишна девојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Според ОЈО, момчето го возело автомобилот „пежо 207“ на неговиот татко, но без возачка дозвола и под дејство на алкохол. Тој поминал на црвено светло на обележано место за пешачки премин.
„Осомничениот 20-годишник на 29 јануари управувал патничко возило ‘пежо 207’ по десната сообраќајна лента од булевар ‘Партизански одреди’. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улица ’29 Ноември’ не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори, кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот – жртва Фросина Кулакова“, се наведува во соопштението на ОЈО Скопје.
Според информациите девојката поминувала на обележаниот пешачки премин. Од ударот таа се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место на несреќата.