Граѓаните во Северна Македонија се соочуваат со неточни известувања од системот „Безбеден град“. Грешките во телефонските броеви и е-маил адресите ги испраќаат казните до погрешни лица. Ова го зголемува ризикот од злоупотреба на личните податоци и ги изложуваат граѓаните на можна злоупотреба, пишува Порталб.мк.
Од почетокот на декември системот со камери „Безбеден град“, кој детектира сообраќајни прекршоци почна со фазата на тестирање во Скопје, а граѓаните веднаш добиваат известувања за прекршоците и казни (кои ќе почнат да се применуваат од јануари 2026 година) преку СМС пораки и на адреса на електронската пошта (е-маил).
Сообраќаен прекршок или злоупотреба на личните податоци
Овие известувања отворија голема дилема бидејќи известувањата одеа и на погрешни броеви и електронски адреси, поради што кај граѓаните пробудија загриженост за своите лични податоци.
Во овие известувања има лични податоци како што се: име, презиме, матичен број, лична карта, адреса, телефонски број и е-маил.
„Минатата недела добив СМС порака од Министерството за внатрешни работи за сообраќаен прекршок, кога ја отворив сè беше во ред сè додека не видов дека е-маил адресата е погрешна, ова ме загрижи бидејќи сите мои лични податоци беа испратени на туѓа е-маил адреса. Не знам од каде го добиле тој е-маил, добро се сеќавам дека кога го регистрирав автомобилот им го дадов мојот личен е-маил, и имам потврда за ова во мојот е-маил“, рече еден граѓанин.
Со слични проблми се соочиле многу граѓани.
„Известувањето го добив и по е-маил и преку СМС порака на мојот телефон, обете адреси беа точни, но од пријатели слушнав дека им ја згрешиле, што мислам дека е повреда на приватноста бидејќи таму има многу лични податоци“, рече една граѓанка.
Зошто е опасно ова?
Данче Даниловска Бајдевска, програмски директор во Фондацијата „Метаморфозис“, вели дека грешките во известувањата од системот „Safe City“, како погрешно внесени телефонски броеви или е-пошта, претставуваат сериозен ризик за заштитата на личните податоци. Испраќањето на казните и чувствителните информации (ЕМБГ, дата на раѓање, адреса на живеење и сл.) на погрешни адреси ги изложува граѓаните на можност за злоупотреба, вклучително и неовластен пристап и потенцијална измама.
„Ова претставува и повреда на довербата во институциите кои управуваат со системот. Неопходно е итно да се подобрат проверките и безбедносните процедури за да се спречат вакви пропусти и да се обезбеди адекватна заштита на податоците на сите граѓани“, вели Даниловска Бајдевска.
Според неа, за време во пробниот период, кога не се процесираат казните, туку служат како опомени, да се прикриваат личните податоци (ЕМБГ, адреса на живеење, дата на раѓање и сл) за да се избегнат можните злоупотреби.
„Уште пострашно е што бевме сведоци на јавно споделување на пристигнатите извештаи за сообраќајни прекршоци на социјалните мрежи од страна на функционери, со намера да покажат еднаков третман на системот на сите граѓани, но споделување на личните податоци покажува и ниска свест за лична заштита во дигиталниот простор“, вели Даниловска Бајдевска.
Предупредувања за ажурирање на податоците
Адвокатот Вулнет Зенки преку соопштение апелираше дека секој што продава или пренесува автомобил на име на некој друг мора да инсистира преносот на сопственост да се изврши веднаш и автомобилот да се пренесе на име на купувачот.
„Поради системот „Безбеден град“ и радарите поставени низ целата земја, сите казни (пребрзо возење, паркирање, камери на патот итн.) автоматски ќе бидат на име на лицето на чие име е моторното возило автомобилот, без оглед на тоа кој всушност го вози. Доколку автомобилот е сè уште на ваше име, вие ја сносите правната и финансиската одговорност. Решение: По продажбата, побарајте преносот на сопственост веднаш да се изврши во Министерството за внатрешни работи, за да се избегнат какви било проблеми“, вели Зенки.
Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на новинарските прашања од Порталб.мк околу тоа зошто дозволуваат известувањата да завршат на погрешни адреси и дали имаат некаков план за решавање на овој проблем.
Преставка во Уставен суд против Министерството за внатрешни работи Група граѓани поднесоа обемна преставка до Уставниот суд на Република Северна Македонија, барајќи оценување на уставноста и законитоста на таканаречениот систем „Безбеден град“ што го спроведува Министерството за внатрешни работи (МВР). Паралелно со преставката поднесени се кривични пријави до Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и засега непознати службени лица.
Според подносителите, новиот модел за санкционирање сообраќајни прекршоци – кој предвидува испраќање прекршочни налози преку СМС пораки со линк до PDF документ – е незаконски, технички небезбеден и спротивен на повеќе уставни принципи. Тие наведуваат дека системот отвора сериозни прашања за заштита на приватноста, еднаквоста на граѓаните пред законот и правото на правична постапка.
Камерите на „Безбеден град“ инсталирани на раскрсниците во Скопјe автоматски ги евидентираат сообраќајните прекршоци почнувајќи од 1 декември. Пробниот период ќе трае до Нова Година, а првите казни треба да пристигнат на 1 јануари.
Целта е до 2030 година да се намали и преполови бројот на сообраќајни несреќи.
Имплементација на проектот „Безбеден град“, кој во првата фаза, покрај во Скопје, ќе се спроведува и во Тетово и Куманово.
Преземено од Мета.мк