„Безбеден град/Сејф Сити“, еден систем, многу прашања

Уште на првиот ден на тестирањето на „Безбеден град/Сејф Сити“, системот за мониторинг и контрола на сообраќајот, предизвика илјадници прашања. Реакциите беа толку многубројни и суштински, што ги натераа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да изјави дека е поттикнато размислување наместо официјално да стартува на 1 јануари во новата 2026 година, да се одложи за еден месец, односно да се отпочне со примената од 1 февруари.

„Не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени“, рече Тошковски.

Но, се чини дека и овој рок, од 1 февруари може да биде преиспитан, со оглед на многубројните отворени прашања кои испливаа и на кои реагираа  и самите граѓани. Згора на тоа и самиот Тошковски најави дека претставници на МВР и на Министерството за транспорт, заедно со сите други институции, интензивно работат на ревидирање на сите постоечки патишта низ земјава, на кои ќе бидат лоцирани безбедносните камери.

Тој повтори дека се ревидираат сите точки на кои ќе бидат поставени камерите и кажа дека на секоја позиција каде што ќе има камера која ќе детектира сообраќаен прекршок, тоа ќе биде претходно утврдено со ревизија – како на терен, така и согласно законската регулатива за конкретните точки. Истакна дека ќе се направи и ревизија и проверка на секој сообраќаен знак што е поставен во државата.

Сето ова навестува дека „Безбеден град/Сејф Сити“ е еден систем, но отвори илјадници прашања на кои треба да има одговор пред целосно да биде ставен во функција.

„Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени“, рече Тошковски во изјвата за медиумите на конференцијата за безбедност во сообраќајот.

Дополнителни непознати произлегуваат и од тестирањето на системот во Тетово и Куманово, како градови опфатени во првиот период „Безбеден град/Сејф Сити“ како и авто патите на Коридорите 8 и 10.

„Има некои технички проблеми на одделни делници на Коридорите 8 и 10“, рече Тошковски, што, само по себе, води до заклучок, дека уште на пробното тестирање системот покажува нфункционалности кои треба да се отстранат за да има целосен, соодветен и правичен протокол кој недвосмислено ќе ги утврдува сообраќајните прекршоци, врз основа на што граѓаните ќе добиваат известувања за казни.

Според неофицијални информации, зад ваквата изјава на првиот полицаец најверојатно се крие неподготвноста на власта околу предлог – измените на законите кои треба да поминат во Собранието. Затоа и системот „Сејф сити“ и изјавите на Тошковски се само тест и теорија.

Правила и процедури се утврдени и за автомобили со странски таблички. На овие автомобили, според законот, не може да им се забрани излез од државата, но нема да можат да влезат ако имаат неплатена казна која им е изречена за сообраќаен прекршок утврден преку системот „Безбеден град/Сејф Сити“.

„Безбеден град/Сејф Сити“, решение за превенција или за приобирање пари во Буџетот

Инаку, дека добар „Безбеден град/Сејф Сити“ е неопходен покажуваат искуствата во повеќе европски земји, но и првиот тест ден кога беа регистрирани 110.000 сообраќајни прекршоци.

„Овој тест период којшто го имаме во овие 30 дена, е одлична можност граѓаните да се запознаат со сето она што сакаме да го имплементираме, со цел во 2026 година да немаме 142 жртви на улиците, во просек 78 на милион жители. Скандинавскиот просек е околу 20 жртви на милион жители, а европскиот просек е околу 44-45 на милион жители. Ја разбирам потребата на јавноста да ги постави сите прашања поврзани со имплементацијата на овој проект. Но треба да се има предвид дека ние сме меѓу најлошите земји во светот според бројот на луѓе загинати на улиците. Бројката од 142 жртви не е само статистика – тоа се луѓе со семејства, со деца, со родители, кои секојдневно ги губиме на улиците“, укажува министерот Тошковски.

Сепак, системот „Безбеден град/Сејф Сити“, го покрена и прашањето дали е тој решение за превенција или за приобирање пари во Буџетот. Во една своја претходна изјава, Тошковски истакна дека целта на системот е превенција на сообраќајни несреќи и жртви, како и подготовка за идните проекти за проширување на крстосници и изградба на кружни токови, што ќе помогнат за побезбедни улици.

Сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров, во изјава на Канал 77 укажува дека системот може да биде функционален, но дека превенцијата — клучниот елемент за подобра безбедност — е целосно изоставена.

„Кога станува збор за казна, односно за собирање на пари од граѓаните, тоа ќе биде одработено без проблем. Тоа не е ништо ново кај нас. Јас, во суштина, сум убеден дека власта не сака да си ги реши главните проблеми. Едноставно, во случајов некој си бара начин да дојде до прибирање на средства, а не до нешто превентивно. Кај луѓето со помали примања ова може да влијае, бидејќи потешко ќе ги плаќаат казните па од тука ќе внимаваат да не направат прекршок. Но тие што ќе отидат во друга крајност – за нив тоа нема да биде проблем“, оценува сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров.

Инаку проектот „Безбеден град“ (Safe City) предвидува воведување на возила опремени со камери кои ќе ги мапираат неправилно паркираните возила на сообраќајни ленти, велосипедски патеки, тротоари и зелени површини. Овие возила ќе бидат дополнување на постојните фиксни камери на крстосниците, со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот и спречување на нелегално паркирање.

Во врска со казните, во првите денови на тестирање на системот се појавија графици за висината за глобите за сообраќајните прекршоци коишто не се точни. Во овој текст поместуваме и инфографик за висината на казните за некои од сообраќајните прекршоци, односно за оние кои ќе бидат мониторирани во првите фази на имплементацијата на „Безбеден град/Сејф Сити“.

Зачлени се на нашиот е-билтен