„Безбеден град“ за едно деноноќие откри 110.000 прекршоци

Системот за интелигентен видеонадзор „Безбеден град“, кој од вчера функционира во Скопје, за само 24 часа детектирал повеќе од 110.000 сообраќајни прекршоци. Според податоците, околу 1.000 од прекршителите управувале нерегистрирани возила, а околу 5.000 поминале на семафор со црвено светло. Во речиси 90 отсто од сите случаи е утврдена недозволено висока брзина.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека системот е воведен со цел драстично да се намали бројот на жртви на улиците. Во изминатата година загинале 142 лица – бројка што, како што рече, „не е само статистика, туку животи и семејства кои се засекогаш променети“.

Тој посочи дека првичните анализи покажале неправилности во доставувањето на записниците, односно дека дел од казните не стигнувале до вистинските возачи. Tошковски нагласи дека станува збор за тест-период во кој ќе се коригираат сите воочени пропусти.

Министерот прецизираше и дека возила на Брзата помош, МВР, АРМ и други служби ќе бидат изземени од казнување во ситуации кога нивното забрзано движење е предвидено со прописите. Но сите други службени и приватни возила се третираат еднакво – дури и ако се работи за службени автомобили со црвени таблички или возила кои превезуваат функционери. Тој откри дека најмалку тројца возачи кои управувале возила со министри веќе биле санкционирани поради прекршување на правилата.

Во однос на странските возила, Тошковски објасни дека тие нема да бидат задржани при излез од државата, но нема да им биде дозволен повторен влез доколку не ги подмират изречените казни.

МВР во моментов ги ревидира локациите на поставените камери, а во следната фаза ќе се направи целосна ревизија на сообраќајната сигнализација низ земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен