Светската банка изрази задоволство од приклучувањето на Северна Македонија кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) и од напорите на Народната банка за постигнување на оваа важна цел. Членството во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за целокупната економија, а најголеми бенефити ќе имаат граѓаните и компаниите. За да се постигнат дополнителни придобивки, земјата треба да се приклучи и кон регионалниот проект за инстант плаќања, кој го предводи Централната банка на Италија и е дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија.
Ова беше нагласено на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката за Западен Балкан на Светската банка, Шиаочин Ју, и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи. На состанокот присуствуваа и вицегувернерката Емилија Нацевска, генералната директорка за супервизија, Викторија Глигорова, и секторската директорка за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан. На средбата беше истакната посветеноста на Народната банка и на сите инволвирани институции, кои со поддршка од експертите на Светската банка напорно работат на забрзување на процесот на интеграција на земјата во платежната инфраструктура на Европската Унија преку приклучување кон СЕПА.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност за постојаната поддршка од Светската банка, која ефективно помогна во усогласувањето на националните регулативи и практики со оние на ЕУ и СЕПА, што резултираше со тоа што Северна Македонија стана 39-ти член на СЕПА.
На состанокот беше дискутирано и за понатамошната модернизација на платните системи и дополнителни придобивки за граѓаните, особено преку приклучување кон проектот на Централната банка на Италија, кој е наменет за сите земји од Западен Балкан. Се работи за воспоставување систем за инстант плаќања сличен на системот ТИПС, кој го управува Европската централна банка (ЕЦБ). Овој систем ќе овозможи инстантно извршување на домашните плаќања во секое време на денот, на секој ден во годината, како и на меѓусебните плаќања помеѓу земјите, како и со земјите од ЕУ.
Во изминатите три децении, Светската банка била важен партнер на Народната банка, обезбедувајќи техничка помош преку различни проекти за јакнење на капацитетите на земјата и на централната банка, како и за одржување на макроекономската стабилност. Светската банка даде поддршка на Народната банка и во подготовката на тригодишниот план за зелени финансии, изработката на макропрудентната стратегија, зајакнувањето на рамката за системски ризици и за изработката на подзаконската регулатива за решавање на банки.