Древниот Бигорски манастир, по третпат, вчера беше домаќин на еден несекојдневен културно-уметнички настан-уникатната детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, што ова познато светилиште го преобрази во тивка, вдaхновена уметничка сцена.
– Под синиот покров на мајското небо, светилиштето на Свети Јован Крстител, по благослов на нашиот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, ги отвори широко вратите за новата генерација млади уметници, дојдени од различни делови на светот, за да го претворат манастирскиот двор во жив мозаик на боја, младешка радост и културно единство, рече за МИА, сестра Ефимија.

Оваа уметничка манифестација е организирана од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски.
– Во нашиот свет храм пристигнаа 150 ученици, професори и родители претставници од 17 земји, Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Индија, Израел, Малезија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Русија и два региона од Турција – Трабзон и Кајсери. Иако оваа година беа оправдано отсутни делегациите од Кина, Јапонија, Грција и Португалија, нивниот дух беше чувствуван преку изложените дела и спомените од претходните учества, додава сестрата.
Посочува дека манастирскиот двор заживеал со стотина штафелаи, четки и платна, додека децата со својот чувствителен поглед и радосно срце ги доловуваа на платно духовната убавина и архитектонското достоинство на Светиот манастир.
-Секоја цртеж носеше печат на автентично доживување, пренесено преку бои и линии, преку личната имагинација на младите творци. Без исклучок, сите цртежи, зрачеа со сопствена убавина и оригиналност, и оставија длабок впечаток со искреноста и свежината на детскиот израз. Иако не можеа сите да бидат наградени, секое дело беше доживеано како сведоштво за креативност и љубов кон уметноста, нагласува отецот.

Победници на денот беа Ајшенур Карадениз, од Трабзон – Турција, Маркета Хејлова, од Плзен – Чешка, Мериам Арнаутска, од Софија – Бугарија и Онур Мете Јузук, од Кајсери – Турција.
Нивните дела беа оценети како највпечатливи по оригиналност, зрелост на ликовниот израз и префинето чувство за просторот и формата, со особено внимание на индивидуалниот уметнички напредок и чувствителноста кон архитектонската тематика.
Со оваа уметничка средба, Бигорскиот Манастир уште еднаш посведочи дека е не само духовно прибежиште, туку и светилник на културна размена, креативност и братска љубов меѓу народите. Колонијата „Мал Битолски Монмартр“ во Бигорски е место каде младите срца се издигнуваат кон светлина преку благословот на уметноста.
фото:Бигорски манастир