Марко Бислимоски, претседателот на Републичката комисија за енергетика (РКЕ), категорични ги отфрли обвинувањата на Финансиската полиција, тврдејќи дека сите одлуки на РКЕ се донесени во согласност со Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање.
Во однос на пријавата, Бислимоски рече дека нема да дозволи „да биде извалкано неговото име“. Ќе го следи процесот и ќе ги стави на располагање сите информации и документи на надлежните институции, со уверување дека ќе се потврди оти не постоело прекршување на Законот за енергетика или на правилникот.
„Јас сум татко, сопруг, брат и пријател“, рече тој, порачувајќи дека лично ќе се бори да ја докаже својата позиција и да не дозволи етикетирање без судска разрешница.
Тој нагласува дека во истиот период биле водени идентични постапки за повеќе компании во секторите за нафта и електрична енергија, при што биле почитувани истите рокови и процедури. Бислимоски посочува дека одлуките не се негови лични, туку се производ на работата на стручен тим во рамките на комисијата. Како аргумент за професионалноста, тој ја наведува високата оценка од Енергетската заедница, која ја рангираше македонската РКЕ како една од најдобрите во регионот. Претседателот на регулаторното тело најави дека ќе ги стави на располагање сите документи на Основното јавно обвинителство Скопје за да го заштити својот личен и професионален интегритет.
Случајот отвора сериозни прашања за можни политички влијанија врз независните регулаторни тела во Македонија. Марко Бислимоски, кој го започна својот втор мандат во јули 2023 година по одлука на Собранието на Република Северна Македонија, јавно праша дали пријавата е мотивирана од политички притисоци.