Битиќи го фати Николовски во ПР Лага: државата не плаќа 115 милиони евра за Казандол

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, реагира по објавата дека државата ја добила арбитражната постапка поврзана со рударскиот проект „Казандол“, во која инвеститорите бараа 115 милиони евра обесштетување. Во статус на социјалните мрежи тој оцени дека „концесијата дадена од ВМРО–ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража“, додавајќи дека Македонија нема да плати штета.

Битиќи потсети дека судските рочишта се затворени во 2023 година и дека, согласно процедурите, арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две години по завршните зборови. „Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава се водеше со јасни определби и насоки од мојот кабинет во претходната Влада,“ наведе тој, изразувајќи благодарност до меѓународната канцеларија White & Case, до државните службеници и експерти, како и до локалните адвокатски друштва „за посветеноста и професионалноста“.

„Вака се почитува татковината – со искрен настап и без калкулации,“ напиша Битиќи, додавајќи дека „иднината ќе покаже“ за оние кои имале „други интереси“.

Арбитражниот исход следи по владината одлука од 2018 да се започне постапка за одземање на експлоатационата дозвола и раскинување на концесијата за „Казандол“, донесена по силни локални реакции за еколошки ризици и влијанија врз земјоделието. Со пресудата во корист на државата, властите оценуваат дека се потврдени правните основи на тогашната интервенција и се заштитени буџетските средства од бараното обесштетување.

Зачлени се на нашиот е-билтен