Во гостувањето на „24 анализа“, потпретседателот на Владата Фатмир Битиќи од СДСМ изјави дека досега преку комерцијалните банки се одобрени 83 милиони евра од унгарскиот кредит. Но, наместо директна поддршка за стопанството и локалната самоуправа, банките поставиле услови што го попречуваат очекуваниот ефект.
„Банките на фирмите им поставуваат правило – за да добијат средства од унгарскиот кредит, мора паралелно да земат и кредит од самата банка. Тоа значи мешање на средствата и каматните стапки, што ја нарушува јасната економска логика“, рече Битиќи. Тој посочи дека Владата мора да интервенира и да ја разгледа примената на овие кредити, бидејќи „до овој момент, нема видливи резултати од парите наменети за локалните самоуправи“.
За кражбата во неговиот дом: „Ќе чекам институциите да си ја завршат работата“
Битиќи се осврна и на неодамнешната кражба во неговиот дом. Тој рече дека случајот го пријавил во Министерството за внатрешни работи и дека ќе дозволи институциите да постапуваат без притисок.
„Како јавна личност, очекувам сите институции да постапуваат еднакво и професионално, како и за секој граѓанин. Не сакам да креирам теории на заговор, но снимките се предадени во МВР и сум подготвен за дополнителни разговори“, изјави Битиќи.
Тој изрази надеж дека ќе се открие мотивот зад кражбата, но и додаде: „Се надевам дека не е поврзан со мојата јавна функција“.