Битола ги чека новите студенти – На УКЛО 1.199 слободни места

Првиот ден од уписите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) помина без проблеми: на факултетите пристигнуваат кандидати и заинтересирани, а пријавувањето по конкурсот за академската 2025/2026 ќе трае до 27 август. Според конкурсот, на располагање се 1.199 места во државна квота, 675 со кофинансирање и 444 за вонредни студии. Минатата година УКЛО забележа раст од околу 12% и запиша 1.094 бруцоши; годинава Универзитетот апелира кандидатите да го искористат првиот рок и да се запишат во државна квота.

Од УКЛО порачаа дека „Битола е вистински избор за сигурна иднина“ и ги потсетија идните бруцоши на европските можности преку COLOURS алијансата – мрежа од 9 универзитети со над 120.000 студенти. Во рамки на алијансата, УКЛО нуди европско образование, студентски мобилности, избор на предмети од партнери низ Европа и наставен кадар посветен на практичен пристап и развој на компетенции. „Вие сте новата енергија на Универзитетот… Ние сме подготвени да ви помогнеме максимално да ги искористите сите можности што УКЛО и COLOURS ги нудат,“ стои во пораката до кандидатите.

Зачлени се на нашиот е-билтен