Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) и годинава си обезбеди место на престижната листа Times Higher Education (THE) Impact Rankings 2025, потврдувајќи дека напредокот од лани не бил случаен, туку резултат на континуирана посветеност кон Целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Од Ректоратот потсетуваат дека токму УКЛО во 2024 година стана првиот македонски универзитет што влезе на оваа ранг-листа. Во најновото издание, битолската високообразовна институција беше оценувана во пет од вкупно 17 цели за одржлив развој, а особено се истакна во три клучни области. Во категоријата „Достоинствена работа и економски раст“ се пласира меѓу 601-800 место од 1 350 институции ширум светот; во сегментот „Мир, правда и силни институции“ се најде меѓу 401-600 место од 1 265 универзитети; додека во „Партнерство за целите“ е рангиран меѓу 1 001-1 500 место од 2 389 институции.
Резултатите, добиени по исклучително конкурентен и ригорозен процес на евалуација, според УКЛО се потврда за растечкото глобално влијание што универзитетот го гради преку научно-истражувачка работа, соработка со индустријата и активна вклученост на студентите во проекти за одржлив развој. Од Ректоратот посочуваат дека признанието е дополнителен поттик институцијата да ги продлабочи своите напори кон одржливи практики и регионален развој, притоа задржувајќи ја водечката улога во високото образование во Северна Македонија.
Со новото позиционирање на листата THE Impact Rankings, Битола – и државата во целина – добиваат уште една потврда дека македонските универзитети можат рамноправно да конкурираат на меѓународната академска сцена кога активно ги интегрираат глобалните стандарди и вредности.