Бленди Ходаи: Националната агенција се претвора во алатка за дискредитација наместо партнер на младите

Активистот Бленди Ходаи остро реагираше на социјалните мрежи поради, како што вели, континуираната злоупотреба на јавниот дискурс од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Според него, институцијата која по својата природа треба да биде најблизок сојузник на младите и партнер на граѓанското општество, сѐ повеќе се оддалечува од тие вредности.

„Парадоксално е кога институција која треба да промовира европски вредности, секојдневно објавува видеа со популистичка реторика, каде граѓанското општество се прикажува како мафија, а активистите како лопови,“ напиша Ходаи.

Тој истакна дека доколку навистина постои сомнеж за злоупотреба на европски средства, институциите треба да реагираат низ правосудниот систем, а не преку, како што ги нарече, „видеа со лоша монтажа и уште полоша намера“.

Ходаи оцени дека станува збор не само за лична фрустрација, туку за директен удар врз демократските вредности и независноста на граѓанскиот сектор.

Бленди Ходаи е студент на Филозофскиот факултет, граѓански активист и директор на Форумот за образовни промени, кој изминативе години е активен на повеќе фронтови во граѓанскиот сектор.

Зачлени се на нашиот е-билтен