Блиски односи: Продлабочување на политичката, економската и трговската соработка со Обединетите Арапски Емирати

Блиски
Фотографија од официјалната Фејсбук страница на Тимчо Муцунски

Заокруживме уште една значајна посета што отвора нови можности за продлабочување на политичката, економската и трговската соработка со Обединетите Арапски Емирати. Продолжуваме со силно темпо и јасен фокус на резултати чиј бенефит ќе го почувствуваат граѓаните.

Ова, меѓу другото, го напиша министерот за надворешни работи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски, за посетата на Обединетите Арапски Емирати, како дел од делегацијата предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на маргините на Светскиот владин самит во Дубаи.

Остварена е средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Шеик Мохамед бин зајед бин Султан Ал Нахјан, на која е потврдена одличната динамика на билатералните односи и биле разменети мислења за можностите за нивно понатамошно унапредување, со посебен акцент на продлабочувањето на политичкиот дијалог, економската соработка и инвестициите.

Претходно Муцунски информираше дека остварил билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, на која била потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете влади, што отвора ново поглавје во соработката меѓу нашите држави.

Со Меморандумот, смета Муцунски, се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување.

Се разговарало и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати, при што е потврдена заедничката определба за натамошно продлабочување на билатералните односи и развој на конкретни иницијативи што ќе придонесат за економски раст, поефикасни институции и уште поцврста соработка меѓу двете држави.

Зачлени се на нашиот е-билтен