Блупринт групата со остри критики по дебатата за трагедијата во Кочани: „Кој е системот и зошто никој не одговара?“

Блупринт групата реагира со остра анализа по парламентарната расправа посветена на трагедијата во Кочани, оценувајќи дека наместо суштинска и одговорна дебата, јавноста добила уште една политичка формалност исполнета со меѓусебни обвинувања и избегнување одговорност. Организацијата прашува: „Кој е системот?“ и зошто, по загубени 63 животи, институциите продолжуваат да молчат.

Во нивната реакција се наведува дека расправата само го потврдила она на кое граѓанските организации со години предупредуваат: институционалниот систем за заштита, контрола и одговорност е длабоко нефункционален. Според групата, трагедијата во Кочани не е резултат само на индивидуални пропусти, туку последица на децениска институционална незаинтересираност, избегнување одговорност и недостаток на политичка волја за реформа.

Како посебно проблематично го посочуваат однесувањето на пратениците, од кои голем број уште во почетокот сугерирале расправата да се одложи или целосно да не се одржи со образложение дека Собранието не е надлежно. Дополнително, кога медиумите ја напуштиле салата, истото го направиле и дел од пратениците и високите претставници меѓу нив и претседателот на Собранието, претседателот на Владата и претседателот на државата без образложение или најава.

Блупринт групата наведува дека семејствата на жртвите повторно биле оставени да гледаат како институциите „формално дискутираат“, без да понудат реални чекори за промена. Политичката формалност, велат тие, уште еднаш ја победила политичката одговорност дури и во случај со висока човечка цена.

Во своето обраќање родителите на жртвите јасно побарале правда, а пратениците речиси едногласно констатирале дека „системот не функционира“. Но само неколкумина понудиле конкретни предлози. Според Блупринт, ваквите декларативни изјави служат повеќе за дистанцирање на пратениците од одговорност отколку за барање решенија. Затоа групата го поставува прашањето: ако системот не функционира, кој го сочинува тој систем и зошто никој не понел политичка одговорност?

Тие потсетуваат дека системот не е апстрактен поим, туку конкретна мрежа институции: Владата, Собранието, судовите, регулаторите, инспекторатите и сите тела задолжени за креирање, контрола и санкционирање. Кога нема одговорност, велат тие, нефункционалноста не е случајност туку резултат на нечие недејствување.

Блупринт групата бара ова прашање да престане да биде поле за дневнополитички поени и да стане момент во кој моралната и политичката одговорност ќе се лоцира јасно и недвосмислено. Комисијата, според нив, има должност да донесе конкретни заклучоци што ќе водат кон воспоставување одговорност и функционален систем.

Организацијата ја повикува државата да спроведе сериозен и итен процес без релативизирање и одолговлекување, при што мора да се внимава да не се ревиктимизираат родителите и преживеаните. Бараат преиспитување на законите за работа на угостителски и јавни објекти, измена на Кривичниот законик за коруптивни дела, темелни надзорни расправи за трагедиите во Кочани, Ласкарци, Беса Транс и модуларната болница во Тетово, како и донесување закон за обесштетување на семејствата.

Во заклучок, Блупринт групата нагласува дека ниту една институција нема право на тишина кога се изгубени 63 човечки животи. Трагедијата во Кочани мора конечно да биде третирана како приоритет, а пратениците имаат должност обединето да делуваат во заштита на правата и безбедноста на граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен